Властите на САД одбија да издадат визи на претседателот на Иранската фудбалска федерација, Мехди Таџ, селекторот Амир Галеноеи и уште седуммина членови на иранската делегација за учество на ждрепката за СП 2026, која ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Ждрепката за групите на Светското првенство ќе се одржи на 5 декември во Вашингтон, а фудбалската репрезентација на Иран веќе обезбеди пласман на завршниот турнир. Американскиот претседател Доналд Трамп воведе забрана за патување за државјани на одредени земји, во која спаѓа и Иран, со кој САД веќе 45 години немаат дипломатски односи.
Претставниците на Иранската фудбалска федерација се надеваат дека проблемот со визите ќе го реши претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој на почетокот на септември им вети дека ќе интервенира доколку има проблеми со издавањето на визи.