Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, денеска пред новинарите го претстави списокот на повикани фудбалери за претстојните два меча од квалификациите за СП 2026 со Белгија и Казахстан. На списокот нема драстични промени од оној за септемвриските дуели.
„Списокот е идентичен како и на претходниот собир. Ќамили не е тука поради повреда, Ашковски и Давид Бабунски ќе имаат кам-бек. Се надевам дека сите ќе бидат здрави. Бабунски имаше проблеми со клуб, но сега се е во ред. Затоа е тука со нас. Секогаш бил конкурентен, затоа што ни треба таков профил на играчи. Сите пет меча до сега беа главни битки и останаа уште три. Сите се посебни, сите се важни. Да не беа главни битки тие натпревари до сега, не ќе бевме на ова место. Секој меч носи три бода. Сите имаат респект од нас“, вели Милевски.
На прашањето колку бодови очекува од претстојните дуели, Милевски вели:
„Колку бодови очекувам? Никој не очекуваше да имаме волку бодово, колку што имаме сега. Но, ете ги имаме. Цврсто стоиме на земја. Белгија и натаму е прв фаворит во групата. Велс исто така. Но Македонија покажа дека може да се носи со сите. Не може никој да ни ја одземе надешта и сонот за пласман на Мундијалот. Белгија во моментов ни е приоритет, а подготовката е иста како да играме и против Лихтенштајн. Секоја репрезентација има свои амбиции, па и Македонија ги има. Главна цел е да покажеме дека имаме квалитет и капацитет. Тоа во последните две години и го покажавме. Сега е различна ситуацијата од оние квалификации за У21 кога отидовме на Еврото. Но, имаме некаков Х фактор во нас, македонски, што не прави посебни и тогаш и сега. Таа група беше тешка и оваа е тешка, но во спортот нема случајни нешто. Така и голот на Чоко и тие 1:1 не се случајни. Дали е можен подвиг со Белгија, секако дека е можен. Наше најголемо оружје е тимот, над се тимската сила е она што го носи овој тим напред“, дополни селекторот.
За првиот меч со Белгија на 10 октомври во Гент се очекуваат и околу 1000 македонски навивачи кои треба да ја бодрат нашата репрезентација.