Конечно. По одличните настапи во изминатиот период во дресот на Шкендија, Клисман Цаке доби деби повик од Албанија и тоа за дуелот со Србија на 11 октомври во Лесковац. Селекторот Силвињо смета на дефанзивецот на Шкендија, кој би можел да дебитира за својата земја токму на тешкото гостување во Лесковац на квалификацискиот меч против Србија.
Цаке веќе подолго време важи за еден од најдобрите играчи во ПМФЛ и тоа уште во времето кога беше дел од Струга ТЛ, а оваа сезона е најскапиот играч во ПМФЛ според Трансфермаркт.
Тој досега има само неколку настапи за младата селекција на Албанија.
Шкендија покрај Цаке и Решат Рамадани (Македонија) има и трет репрезентативец и тоа голманот Бабукар Гаје, кој пак доби повик од селекцијата на Гамбија, за која досега има 23 настапи.
Касим Роџерс Мато, офанзивецот на Вардар и еден од најдобрите, ако не и најдобар фудбалер во моментов во нашата ПМФЛ, доби повик за настап за селекцијата на Уганда, инаку тој иако има само 21 година досега “собра“ 34 настапи за селекцијата на својата земја и притоа постигна 6 голови.
Од ова се гледа каков играч има Вардар во своите редови.