Две победи по ред односно три триумфи на последните четири натпревари, или вкупно девет бода со кои АП Брера сериозно „живна“ и се искачи во средишниот дел на табелата во Прва МФЛ.
Избраниците на младиот стратег Мартин Алаѓозовски немаат намера да застанат, напротив, сакаат да го искористат залетот и да стигнат до триумф и на денешниот меч против Башкими на домашен терен.
„Фудбалерите ја прифатија мојата филозофија и на секој нареден натпревар сме сѐ подобри. Верувам дека ќе продолжиме во ист стил“, вели шефот на стручниот штаб на Брера.
По освоениот бод против Вардар, екипата на Башкими се подготвува за дуелот против АП Брера во Струмица. Со истиот пристап како против Вардар и без никакво потценување, се чини дека тоа е рецептот за успех на екипата од Куманово. Голманот на Башкими, Лука Стојковски го најави мечот.
“Атмосферата по Вардар е на високо ниво и се подготвуваме за натпреварот против АП Брера, каде што гостуваме во Струмица. Подготовките за овој натпревар поминаа одлично. Добро го анализиравме противникот и одиме во Струмица да се надигруваме.
Се работи за сериозна екипа со млади играчи. Секој натпревар е тежок, но во Прва Лига нема лесен натпревар. Не го потценувам противникот, но Башкими кај и да гостува, ние одиме на трите бода, така и ќе биде и сега. Максимално сме подготвени за овој натпревар и сакаме да се вратиме од Струмица со три бода во Куманово.”
Натпреварот меѓу АП Брера и Башкими се игра на стадионот „Младост“ во Струмица со почеток во 15:00 часот.