Понижениот Тен Хаг пред „нов“ ангажман – се враќа во старото јато?

180

По двегодишната епизода во Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг по нешто подолга пауза го презеде тимот на Баер Леверкузен на почетокот на ова лето. Ангажманот во Германија беше одлична можност за Холанѓанецот да ја врати својата тренерска кариера на вистинскиот пат.

Но, се случи токму спротивното. Ерик тен Хаг имаше уште еден неуспешен ангажман и доби отказ по само две одиграни кола. Тоа беше еден од најбрзите откази во историјата на германскиот фудбал, а набргу потоа Тен Хаг доживеа уште едно понижување. Долгогодишни вработени во Баер Леверкузен спроведоа внатрешно гласање за тоа кој бил најлошиот тренер на клубот во последните 20 години. Германскиот „Билд“ јавно ги објави резултатите, а Холанѓанецот убедливо „победи“ на ова гласање.

Помина нешто повеќе од еден месец од отказот, а сега холандскиот стратег е на прагот на нов (стар) ангажман. Како што пренесува реномираниот холандски весник „Де Телеграф“ – Тен Хаг би можел да се врати во старото јато.

Станува збор за тимот на Ајакс, кој во моментов минува низ тешки моменти, а кој 55-годишниот тренер го предводеше од клупата четири години.

Џон Хејтинга моментално е шеф на стручниот штаб на Ајакс, кој очајно ја започна групната фаза од Лигата на шампионите.

Тимот беше поразен во двата досегашни натпревари – од Интер (2:0) и од Марсеј во вторникот со убедливи 4:0. И во домашниот шампионат неколкупати кикснаа на стартот на новата сезона.

Хејтинга наскоро би можел да стане минато, а најголем фаворит за негов наследник е токму Тен Хаг. Со Ајакс, Тен Хаг освои три титули шампион на Холандија, а се паметат и одличните партии во Лигата на шампионите во сезоната 2018/2019, кога стигнаа до полуфиналето на тоа натпреварување.

ПретходноРичков: Работнички е во резултатска криза, ги знаеме нивните слабости и доблести
СледноБрера нема намера да застане, Башкими охрабрен од Вардар оди да ја освои Струмица