Новата сезона во Првата лига и официјално стартуваше вчера со мечот меѓу бранителот на титулата, МЗТ Скопје и дебитантот Маџари. Тимот од Аеродром се изнамачи за да дојде до стартна победа, дуелот го доби во последните минути (77-70).
Пред почетокот на овој натпревар пишавме дека прволигашите во текот на вчерашниот ден беа растрчани да ги подмират сите обврски на име на лиценци за странски играчи од претходната и оваа сезона, бидејќи раководството на КФСМ им порача дека нема да прави за никого исклучок.
До вчера сите прволигашки клубови ги уплатиле и средствата за службени лица.
Останува до јануари да се расчистат останатите долгови кои екипите ги должат по други основи. Истите ќе ги исплаќаат на рати, а крајниот рок е првиот месец од следната година.
Ова е мал, но важен чекор, во обидот да се воспостави ред во македонската кошарка и да се стави крај на популарниот начин на функционирање „живот на вересија“.
Кога сме кај Првата лига денеска ќе се одигра еден меч, Гостивар е домаќин на Тиквеш, дуелот стартува во 18 часот.