На денешниот натпревар од 9. то коло на Прва МФЛ, помеѓу екипите на ФК АП Брера и ФК Башкими, во 85. минута главниот судија досуди казнен удар за домашната екипа поради газење на противнички играч.
Очигледно и од приложениот видео материјал, гостинскиот одбранбен играч со број 2, во обид да ја избие топката со глава, при падот, несвесно гази врз домашниот играч со број 77. Тоа е моментот на контактот што го забележува и санкционира главниот судија.
Сепак, ценејќи го недоволниот интензитет на прекршокот и фактот дека газењето се случува во нормална положба на телото на одбранбениот играч при пад, ВАР-судиите правилно интервенираат и го повикуваат главниот судија на преглед на снимка на терен. Целта е да му го прикажат моментот од кој може да се утврди минималниот интензитет и отсуството на реален импакт од контактот, со можност за промена на првичната одлука.
Согласно ВАР-протоколот, главниот судија е тој што ја носи конечната одлука. Во овој случај тој не го прифаќа советот од ВАР и одлучува да ја задржи првично донесената одлука, пенал, при што прави погрешна проценка на интензитетот и влијанието од газењето.
Поради ваквата погрешна проценка, главниот судија ќе биде негативно оценет од страна на контролорот на судењето.
Во повеќе натпревари од изминатите кола бевме сведоци на многу правилни ВАР-интервенции, а една погрешна судиска одлука не може и не смее да биде повод или причина за намалување на вредноста на принципите и протоколите за работа на ВАР. Особено имајќи го предвид фактот дека технологијата е управувана од човечки фактор и субјективно судиско убедување, што подразбира дека имало, има и ќе има ситуации кои можеби ќе бидат погрешно проценети.
Фудбалската федерација на Македонија и Судиската организација ќе продолжат со континуирана, професионална работа и едукација на судиите, во кои вложуваат и веруваат, со цел зачувување на интегритетот на натпреварувањето, но и интегритетот на самите судии.