Даскаловски: Подготвени сме за стартот на сезоната, Пелистер ќе игра квалитетна кошарка

34

Боро Даскаловски е тренерот што ја доби довербата на раководството на Пелистер и ќе го води тимот во новата сезона во која битолчани не ја кријат желбата повторно да се борат за највисок пласман. „Зелено-белите“ на првиот меч оваа сезона го играат денеска на гости кај Работнички, 15 часот во СРЦ Кале. „Среќен сум што сум овде и благодарен на управата за овозможените услови за работа. Можам да кажам дека сум задоволен од она што го сработевме, од залагањето на кошаркарите и правецот во кој ни се движи формата. За мој вкус, мислам дека добредојдени ќе ни беа уште неколку пријателски средби за да ја кренеме уште повеќе формата, но и тимската кохезија бидејќи имаме голем број нови кошаркари, но сепак верувам дека во добра форма го дочекуваме стартот на сезоната. Ни недостига еден висок кошаркар во ротацијата откако Скипер Браун ги изненади сите во клубот и поради семејни причини се врати назад во САД само неколку дена по доаѓањето, но не брзаме со доведување замена бидејќи условите на пазарот во моментов не се најидеални за такво нешто“, изјави Даскаловски. Работнички поради финансиските проблеми и долговите од претходните сезонни не ги регистрираа странските засилувања и ќе настапат само со македонски играчи, но Даскаловски е фокусиран само на сопствениот тим.

„Таква е мојата тренерска филозофија, не само тука туку и во сите клубови во кои имам работено, размислувам само за нашата игра која мора да биде на највисоко ниво. Неиграњето на неколку играчи ќе влијае на играта на противникот, но јас ќе инсистирам ние да одиграме максимално ангажирано од првата до последната минута за да стигнеме до резултатот што сите го посакуваме. Работнички е анализиран, подготвени сме за стартот на сезоната и очекувам тоа да го покажеме на неделниот натпревар“, вели новиот тренер на Пелистер.

5. ОКТОМВРИ (НЕДЕЛА) 15.00:

Работнички – Пелистер (МРТ3) Сала СРЦ „Кале“ – Скопје

18.00: Кожув – ТФТ Сала „26.април“ – Гевгелија

19.00: Чаир 2030 – МКК Кумааново Сала „Шабан Трстена“ – Скопје

20.30: Феникс 2010 – Ангели Мала сала СЦ „Јане Сандански“ – Скопје

ПретходноДарио Ивановски е победник на Wizz Air Скопскиот маратон
СледноСветскиот првак ќе мора на операција (ВИДЕО)