Кошаркарите на МКК Куманово стигнаа до првиот првенствен успех во новата сезона. На гостински терен, имаа сигурно, континуирано водство во текот на сите 40 минути, што на крајот резултираше и со победа од 74:85
Кумановци имаа подобар почеток и по десет одиграни минути имаа сосема солидни (24:17). Одличен индивидуален старт имаше двоецот Луковиќ-Радукиќ, кои освен што доминираа во скокот, за кратко време ја надминаа бројката од најмалку десет поени.
Во неколку наврати, чаирчани дојдоа на само половина поен негатива, но не успеваа да поведат. По 12. поен на Рушити, Чаир 2030 намали на (29:31), кога тргна серијата на МКК Кумановво, од седум поени по ред, доволно за гостите да се одвојат на (38:29), кога се играше 17.минута. Две минути подоцна „на сила“ беше иста предност за гостите од Куманово, (44:35).
А 27, од тие 44. поени за „сино-белите“ беа дело на споменатиот тандем, Радукиќ-Луковиќ. На полувремето МКК Куманово имаше уште поголема предност, двоцифрена, (46:35).
Но како одминуваа минутите во третиот период, така домашната екипа анулираше дел по дел од таа висока негатива. По нецели осум минути, избраниците на тренерот Ерхан Рамадан беа во заостанување од само три поени (53:56). Но кумановци некако се одбранија и последниот дел го дочекаа со нешто повисоко водство (61:56).
Двете тројки на Стевановиќ, ги донесоа гостите до повисоки (68:62) на почетокот на последниот период. На средина од таа фаза од играта, „сино-белите“ одново се стекнаа со двоцифрена позитива (73:63), која се покажа како недостижна за домашната екипа.
Радукиќ со 23, и Луковиќ кој даде 21 поен ги предводеа гостите, во чии редови двоен број на поени, 13, имаше и Стевановиќ. Четворица од петте стартери на Чаир 2030 имаа двоен број на поени. Рушити заврши со 18 реализации (и по шест скока и асистенции), го следеше Петровски со 16.поени, Тачи заврши со 13, а Четмен имаше 12. поени.