БВА Балкански Куп: Грчки АЕК прв меѓународен предизвик за Фит Фан Волеј

26
фото: Fit Fun Volley - професионален спортски одбојкарски клуб (Facebook)

Одбојкарките на Фит Фан Волеј денеска ги почнуваат настапите на меѓународната сцена. Во рамките на БВА Балканскиот куп, тие во Косово ја почнуваат битка за со останатите европски тимови кои ќе бараат и промоција во европските клупски натпреварувања.

БВА балканскиот куп од денеска до среда ќе се одржи во Скендерај, на Косово, а покрај Фит Фан Волеј на турниот ќе настапат и домаќинот косовска Дрита, како и грчки АЕК, и Херцег Нови од Црна Гора.

Одбојкарките на Фит Фан Волеј со нетрпение ја чекаа премиерата, во која ќе се обидат да го дадат најдоброто од себе, но и да си ги „пробаат“ силите на меѓународно ниво.

„Уште од формирањето на клубот во 2008 година нашата желба и цел беше еден ден да настапуваме на меѓународна сцена. Клубот се ‘роди’ во период во кој беше незамисливо некој македонски клуб да настапува на интернационално ниво, знаејќи во каква криза беше женската одбојка по откажувањето на Фершпед како спонзор на Работнички, односно Кометал на клубот Студент, екипи кои во тоа време редовно играа во Европа. По толку години успеавме да си ја реализираме таа амбиција и со нетрпение го очекуваме почетокот на турнирот“, нагласува стратегот на Фит Фан Волеј, Благоја Ставревски и продолжува: „Во подготвителниот период одигравме повеќе пријателски натпревари, ги воочивме слабостите и се обидовме да ги анулираме во тренажниот процес. Како и ланската сезона, така и оваа се потпираме само на домашни играчи, во кои сме решени да инвестираме и да собираат искуство на меѓународна сцена. Нашата цел на овој турнир е да се покажеме во најдобро светло и што поподготвени да влеземе во новата сезона. Имаме силни противници на БВА купот. Секој од ривалите има по неколку интернационалки во составот, а особено внимание привлекува тимот на Херцег Нови, состав со исклучително високи девојки. Сметам дека ова ќе биде прекрасно искуство за сите нас. БВА купот не очекувам да биде показател за силата на Фит Фан Волеј во пресрет на новата сезона, затоа што ќе играме без резултатски притисок, но секако дека ќе се обидеме и да дадеме отпор и да го покажеме најдоброто од нас како тим. Со нетрпение и возбуда го чекаме стартот на турнирот.“

Она што го прави дополнително атрактивен БВА купот е што победникот на овој турнир обезбедува директно учество во ЦЕВ Челинџ купот, а за да дојдат до таа привилегија четирите екипи ќе играат по принципот „секој со секого“.

Денеска во 1. коло, нашиот претставник се среќава со екипата на АЕК Атина. Мечот е закажан со почеток од 16.30 часот

БВА БАЛКАНСКИ КУП (Ж)

1 коло – денеска:

16.30 Фит Фан Волеј – АЕК

19.00 Дрита – Херцег Нови

2 коло – вторник

16.30 Херцег Нови – АЕК

19.00 Фит Фан Волеј – Дрита

3 коло – среда

16.30 Херцег Нови – Фит Фан Волеј

19.00 АЕК – Дрита

ПретходноЛегендата на Ливерпул ќе биде новиот тренер на Миовски во Ренџерс
Следно30 години по дебито на неговиот татко: Синот на Буфон дебитираше во Серија А!