УЕФА рече „да“ – Барса и Милан ќе играат лигашки мечеви во САД и Австралија!

67

УЕФА денес и официјално ѝ даде зелено светло на Ла Лига и Серија А да организираат по два натпревара од оваа сезона надвор од Европа.

Како што беше најавено уште летово, европските клубови би можеле да добијат значителна финансиска добивка доколку прифатат да одиграат одредени натпревари надвор од својата земја, иако на тој начин практично го губат домашниот терен.

Таков ќе биде случајот со Виљареал, кој во декември треба да ја „угости“ Барселона во – Мајами!

Од друга страна, УЕФА одобри и натпревар од Серија А – Комо против Милан, кој треба да се одигра во февруари во Перт, Австралија.

Во своето официјално соопштение, УЕФА ја образложи оваа одлука и покрај бројните несогласувања од страна на повеќе клубови и навивачки групи низ Европа, наведувајќи дека поради недостиг на јасни правила од страна на ФИФА, не може формално да го спречи одигрувањето на овие натпревари.

Со други зборови, УЕФА се „огради“ од одлуката, иако ги прифати барањата само за овие два меча – што дипломатски го објасни и претседателот на организацијата, Александер Чеферин.

„Иако е жално што овие два натпревара мора да се одиграат, оваа одлука е исклучок и не треба да се гледа како преседан. Лигашките натпревари треба да се играат на домашен терен – сè друго би ги лишило навивачите од нивното право да бидат дел од нивните тимови и би внело елементи на неправда во натпреварувањата. Сакам да им се заблагодарам на членовите на сите 55 национални федерации за нивниот конструктивен и одговорен пристап кон ова чувствително прашање. И покрај одлуката за овие два случаја, нашиот став е јасен – да го заштитиме интегритетот на националните лиги и да обезбедиме фудбалот да остане вкоренет во својата домашна средина“, изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин.

Од УЕФА дополнително порачаа дека ќе „учествуваат активно во тековниот процес што го води ФИФА“ со цел идните правила „да го зачуваат интегритетот на домашните натпреварувања и блиската поврзаност на клубовите со нивните навивачи и заедници“.

ПретходноГолема одлука: Леброн оди во пензија?
СледноСензација: Задар ја прегази Црвени Звезда среде Белград