Коментар на 9.коло: Битолчани му се израдуваа на бодот со Шкендија, ама толку беше од Капинковски

139
ФОТО: FC Pelister/FB

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Секако дека во преден план во ова 9.коло беше мега – дербито меѓу Вардар и Струга ТЛ, кое на крајот заврши без победник со резултат 2:2, но во текот на изминатите два дена се беше кажано, напишано, анализирано и детализирано, па така нам ни останува само да заклучиме дека тоа беше прекрасен меч, далеку над македонскиот прволигашки просек. И ако беше Малески херојот против Пелистер во 8.коло за Струга ТЛ, тогаш сега е трагичарот.

Се играше судиското продолжение а гостите имаа 1:2. Малески имаше и повеќе од зицер за 1:3, но ете, не реализира а секунди подоцна Вардар тоа жестоко го казни за конечни 2:2.

Ретко кој очекуваше дека Пелистер ќе ја прекине црната серија токму против Шкендија или ретко кој очекуваше дека шампионот ќе загуби два драгоцени бода среде Битола во битката за титулата.

Но, така беше. Тетовци се “коцкаа“, настапија со “вториот“ тим, а потоа беше доцна. И биточани му се израдуваа на бодот, голем како планина а тетовци разочарани си заминаа дома.

Сепак тоа не беше доволно Димитар Капинковски да остане на клупата на Пелистер. Денеска клубот од Битола и официјално соопшти дека се разделили со Капинот, толку беше од него во овој негов втор мандат како тренер на овој тим.

Очигледно е дека таа црна серија и вкупно шесте порази на девет средби беа доволни да си замине од клупата. Бадијала бодот со Шкендија за него.

Македонија ЃП одигра сосема добро и убедливо го доби Арсими со 4:1, Брера спаси бод со Башкими во последните мигови од мечот во Струмица, Силекс дојде до триумф против Тиквеш во неубедлива игра, очигледно е дека таа серија од три порази кај кратовци оставила трага, а и ако голманот на Силекс, Џеков е играч на мечот, се е јасно. Јасно е и тоа зошто Тиквеш на овој меч не дојде барем до бод.

Работнички е посебна приказна.

Да се одигра само 1:1 со Шкупи, со тимот кој досега немаше освоено ни бод, навистина е уште едно разочарување за Работнички кој ова лето ја претставуваше Македонија во Европа.

Како што тргнала работата тогаш клубот од Дебар Маало и тоа како го чека пекол во битката за опстанок а познато е дека дури три екипи испаѓаат а уште две играат бараж.

Ете ти проблем за Работнички.

Да се потсетиме, овој клуб никогаш, ама баш никогаш не испаднал од ПМФЛ откако влезе за првпат во сезоната 1998/99 во самостојна Македонија.

ПретходноВо тишина се подготвувал нов НБА потрес: Милвоки за малку ќе останеше без Јанис Адетокумбо!
СледноСе подготвува стратегија за Белгија: Репрезентативците со засилени тренинзи (ФОТОГАЛЕРИЈА)