Трамп го одреди датумот на УФЦ спектаклот во Белата куќа – ќе се одржи на неговиот 80. роденден

24

Американскиот претседател Доналд Трамп конечно го објави датумот на долго најавуваниот УФЦ спектакл што планира да го одржи во Белата куќа. Боречкиот настан, кој произлегува од очигледната наклонетост на Трамп кон овој спорт и неговото пријателство со претседателот и директор на УФЦ, Дана Вајт, ќе се одржи на 14 јуни 2026 година, на 80-тиот роденден на Трамп, пренесува „Ројтерс“.

Трамп, по враќањето во Белата куќа, често се потпира на спортски настани и ги истакнува како дел од својата јавна програма. Тој се појавуваше на различни финалиња и натпреварувања, вклучувајќи го Светското клупско првенство во фудбал, универзитетското првенство на САД во борење и Рајдер купот. По победата на претседателските избори во 2024 година, присуствувал на три УФЦ-настани — на 16 ноември 2024 година (една недела по изборите), потоа на 12 април 2025 и на 7 јуни 2025 година.

Настанот е замислен како дел од пошироката прослава на 250-годишнината од американската независност, која Трамп ја опиша како „Great American State Fair“. Според пишувањата на Wall Street Journal, претседателот лично е вклучен во планирањето на овој голем проект.

Тој истакна дека има намера да собере публика од 20 до 25 илјади луѓе на јужниот тревник на Белата куќа. Дана Вајт оваа недела откри дека УФЦ ќе потроши околу 600.000 евра за санација на просторот по завршувањето на настанот.

Откако беше најавен овој спектакл, се шпекулира кои борци би можеле да се најдат во главните борби. Најчесто споменувани имиња се Џон Џонс и Конор Мекгрегор, а во комбинација се и Алекс Переира и шампионот во перолесна категорија, Илија Топурија.

Дана Вајт засега тврди дека „ништо сè уште не е договорено“, но јасно е дека се подготвува нешто навистина големо.

ПретходноУ-21: Македонија ги стартуваше подготовките за дуелите со Ерменија и Црна Гора!
СледноНови проблеми за “Редси“: Ливерпул го губи планираното мега – засилување?!