Тенисерите за условите во Шангај: Дали сакате некој да умре за време на меч?

130
Фото:x.com/SH_RolexMasters

Во Шангај се одржува еден од најтешките турнири од серијата АТП Мастерс 1000 во последните неколку години. Голем број познати тенисери го откажаа настапот, а и оние што останаа имаат сериозни потешкотии. Првиот и вториот тенисер на светот веќе се повлекоа – Карлос Алкарас го прескокна турнирот по триумфот во Токио, додека Јаник Синер се откажа поради повреда.

Главниот проблем се временските услови. Според шпанскиот AS, температурата се искачува над 30 степени Целзиусови, а екстремната влажност дополнително ги отежнува мечевите. Поранешниот број еден, Новак Ѓоковиќ, истакна дека не памети вакви услови:

„Не се сеќавам кога последен пат играв при ваква влaжност. Условите се исти за сите, но тешко е да се игра кога влажноста е околу 80% секој ден, особено во утринските часови,“ рече српскиот тенисер.

Холгер Руне отиде чекор понатаму со своите критики. За време на мечот против Французинот Перикар, остро му се обрати на судијата:

„Дали сакате некој да умре на теренот?“

Подоцна за медиумите додаде:

„Сметам дека на вакви турнири мора да постои правило против екстремни горештини, како што е случај на Грен слемовите. Ние сме спортисти и мора да бидеме подготвени на сè, но треба да има граница.“

Денес, Руне ќе игра полуфинале против Валентин Вашеро во 9:00 часот по македонско време, додека Новак Ѓоковиќ и Бергс ќе излезат на терен во 12:30 часот.

Првото полуфинале почнува во 15:00 часот по локално време, при што прогнозата најавува 29 степени и 58% влажност, додека второто е закажано за 18:30 часот – тогаш играчите повторно ќе се соочат со висока влажност од околу 78%, иако температурата ќе падне на 26 степени. Условите, сепак, остануваат исклучително тешки за игра.

ПретходноПо долга борба со тешката болест почина тренерот на Бока Јуниорс
СледноСтојановски: Пелистер е во криза, но тука сме да поправиме многу работи!