Македонската фудбалска репрезентација утре во Гент со почеток од 20:45 минути го игра шестиот квалификациски дуел од тековната кампања против домаќинот Белгија. Истиот веројатно е еден од најважните мечеви за нашиот навионален тим кој што сме го одиграле, или ќе го одиграме во последните десетина годино. Пред се затоа што сме лидери на табелата по пет одиграни кола и единаесет освоени бодови, што ни дава за право да се надеваме на нешто големо во овие квалификации.
„Белгијците доволно знаат со каква селекција ќе играат. Ние покажавме квалитет на мечот во Скопје. Сметам дека тие сега ќе имаат поголем респект кон нас. Мислам дека притисокот е врз нив. Ние секој натпревар го играме исто, се подготвуваме на ист начин. Нормално е како тече циклусот да се зголемува и притисокот, но треба да го тргнеме на страна и да одиграме како што знаеме и да обидеме да стигнеме до добар резултат. Сепак, мислам дека ова ќе биде добар натпревар и дека нема да им биде лесно ниту на нив. Како што доаѓа крајот на квалификациите притисокот расте, исто е за нив и за нас. Ова ќе биде една од поважните средби која може да го реши патот во финишот на циклусот. Белгија без разлика на генерацијата, секогаш е силна, произведува добри играчи и неслучајно е таму каде што е“ – изјави Александар Трајковски.
Нашиот национален тим од вчера е во Белгија, а вечерва ќе го има официјалниот тренинг, како и прес конференцијата пред истиот.