Пелистер против Чаир оди на два од два на стартот на првенството

38
фото: КК Пелистер Битола (FB)

Кошаркарите на Пелистер вечерва (19 часот, сала „Боро Чурлевски“) по убедливата победа над Работнички во рмаките на 2. коло од домашното првенство го пречекуваат тимот на Чаир. Битолчани со голем оптимизам го очекуваат и овој меч на кој посакуваат втор успех.

„За нас нема никакви калкулации, одиме по победа по секоја цена. Тренираме максимално целиот овој период, во тимот е очигледно дека владее позитивна енергија што ни овозможува Пелистер да го краси колективна игра сезонава. Квалитетот и борбеноста ќе бидат наш заштитен знак, во комбинација со индивидуалните способности. Чаир е ривал што го почитуваме, но фокусирани сме на нашето издание бидејќи ако одиграме како што знаеме ќе стигнеме до посакуваниот резултат“, вели Лука Стојановски, македонскиот репрезентативец во дресот на Пелистер.

„Зелено-белите“ се надеваат дека со победа вечерва ќе ја кренат уште повеќе атмосферата во тимот во пресрет на првото коло од ФИБА Европа купот, во кое Пелистер веќе в среда (15 октомври) ќе му гостува на тимот Цедевита Јуниор во Загреб.

„Тие европски средби кои следат се голем предизвик за нас играчите, за клубот и за градот Битола. Меѓународните натпреварувања се одлична можност за промоција и на нашата држава, на Пелистер како сериозен колектив и ќе дадеме се од себе за достојно да се претставиме во ова натпреварување. Сепак, одиме чекор по чекор, фокусирани сме само на денешниот дуел со Чаир, по што погледите ќе ги насочиме кон Цедевита јуниор“, истакнува Стојановски.

ПретходноЕлмас vs. Де Брујне: Двајцата генијалци од под Везув на мегдан во Гент
СледноГарсија ги има стартните 11: Единствената дилема е Опенда или Тросар?