Елмас vs. Де Брујне: Двајцата генијалци од под Везув на мегдан во Гент

142

Македонската фудбалска селекција вечерва ќе го има Елиф, Белгијците сите погледи ги насочуваат кон Кевин. И двајцата дел од шампионскиот тим на Наполи, први ѕвезди во своите репрезентации, вечерва во Гент, на различни страни на таренот и во дресови со поинаква боја.

Ова е сигурно еден од најинтересните фудбалски дуели што ја носи денешната фудбалска понуда од квалификациите за Светското првенство во 2026 година.

Кевин де Брујне, по легендарниот престој во Манчестер Сити, летово се пресели во Наполи, носејќи со себе богато фудбалско искуство – титули од Премиер лигата, Лига на шампиони, и безброј индивидуални признанија. Прегледот, прецизноста на додавањето и способноста да се менува во текот на натпреварите го прават еден од најдоминантните плејкери на модерниот фудбал.

Од друга страна нашиот Елиф Елмас со својата младост и талент е креатор на играта на нашата репрезентација, фудбалер кој може да ја направи разликата на теренот и да предизвика шок кај противничките навивачи. Елмас летово повторно го облечениот дресот на Наполи, каде што блесна во своите рани години, а сега ја има таа можност да ја дели соблекувалната со големата ѕвезда на белгискиот национален тим. Вечерва и двајцата ќе бидат на браникот на своите национални тимови, а ќе се обидат да ја искористат својата техничка зрелост, разновидност и фудбалска интелигенција за да и донесат позитива на својата репрезентација.

Во тактичка смисла, Де Брујне е класичен креатор на игра, со способност да организира напади од висина. Елмас, пак, е поприлагодлив – може да игра на неколку позиции, од централна до офанзивна линија, па дури и на крило. Способноста да ја чува топката во тесен простор и да создаде простор за соиграчите е нешто што го прави драгоцен за секој тим во кој настапува. Вечерва е време на пишување нови историски страници. Ние го имаме нашиот „дијамант“, Белгија го има својот виртуоз. Двајцата ќе истрчаат на зелениот терен со многу очекувања и желба за радост по возбудливите 90 минути.

ПретходноТухел удри по навивачите: Какви навивачи се тоа кога половина час ги слушавме само Велшаните!?
СледноПелистер против Чаир оди на два од два на стартот на првенството