Маџари повторно пропушти голема шанса за победа, Ангели не издржаа со Гостивар

51
фото: КК Маџари (Инстаграм)

По голема борба, кошаркарите на дебитантот во кошаркарската елита, Маџари, не успеаја да ја остварат првата сезонска победа. Како и во 1. коло против МЗТ Скопје, новајлијата одигра одличен меч, но во финишот се чини немаше сили за големо изненадување во Куманово. Домашните на крајот славеа со 82:76, а Маџари ќе мора да почека за првото славје.

Кошаркарите на Маџари одиграа извонредно прво полувреме во кое имаа предност од 14 поени (32:46), но во вториот дел дозволија домашните комплетно да се соземат и во одлучувачката четврта четвртина да направат голем пресврт. Предводени од Радукиќ кој заврши со 22 поени, домашните успеаја да направат комплетен пресврт и да дојдат до значајна победа на домашен терен. Кај Маџари, Хпот постигна 16, а Димчевски имаше 15 поени.

Слична разврска имаше и мечот во Скопје меѓу Ангели и Гостивар (86:91). Новајлиите во Првата лига одиграа извонредно прво полувреме и заминаа на одмор со предност од 45:37. И во добар дел од третата четвртина Ангели имаа голема предност (69:57), но Гостивар се надмина во последните 10 минути и успеа да се врати од минус 12 до победа. Главен „виновник“ за овој голем пресврт на Гостувар беше Абрам со 34 постигнати поени, додека кај екипата на Ангели одличен меч одиграа Богатиновски со 21 поен и Кацарски и Ибраими кои постигнаа по 14 поени.

Во последниот меч денеска, Кожув славеше на гостувањето кај Тиквеш во Кавадарци. Во неизвесна завршница, само два поени пресудија во полза на гостите кои на крајот славеа со 70:72. Парвис со 18 поени беше најефикасен кај гостите од Гевгелија, додека кај кавадарчани прв стрелец беше Бошалески со 17 поени.

ПретходноРоналдо си призна: Имам фобија од ќелавост!
СледноГРК Охрид го растури Баки со 33 гола разлика