Пелистер и Динамо (Б) го најавија спектаклот – 80 години ФК Пелистер

77

По повод прославата од 80-годишнината од формирањето на Фудбалскиот клуб Пелистер, утре во Битола гостува романскиот фудбалски гигант Динамо од Букурешт. Попладнево беше одржана прес-конференција како најава на големиот фудбалски настан за битолските „зелено-бели“.

„Емоции секогаш постојат кога се во прашање клубови каде со љубов си настапувал и си го сакал дресот на клубот, па така ќе биде и утре кога ќе играм за мојот матичен клуб Пелистер, а од другата страна е клубот каде сум поминал извесно време и за кој клуб имам голем респект. Очекувам фер и коректен натпревар, да одиграме квалитетно. Најбитно е да помине натпреварот во најдобар ред, да нема повреди во двете екипи. Да прославиме еден голем јубилеј како што доликува на клубот – 80 години постоење и друг јубилеј – 40 години навивачка група “Чкембари“, изјави капитенот на Пелистер, Мирко Ивановски.

Тренерот на Динамо Букурешт, Жељко Копиќ, истакна дека овој меч е задоволство за романскиот состав.

„Мирко беше со мене во два фудбалски клуба во Хрватска и во Романија во Динамо, и на неговата покана не размислував, и штом го проверивме нашиот клупски календар се договоривме да дојдеме во Битола на ова гостување за да ја збогатиме прославата на фудбалскиот клуб Пелистер. И за нас ова е добра шанса да одиграме квалитетен фудбалски натпревар за кој направивме еден комбиниран состав од стандардни фудбалери кои се дел од основата на тимот, а се приклучени и фудбалери од младинската екипа“, вели Копиќ.

Натпреварот е закажан за утре во 17,30 часот, а претходно во 16 часот ќе се одржи свечена академија по повод „80 години ФК Пелистер“.

ПретходноГест за почит: Алкалоид му го врачи европскиот медал на Трајкоски
СледноОва не го направиле ни Меси, ни Роналдо, ни Кејн, ни Мбапе: Халанд до 50 гола за само 46 меча!