Македонската фудбалска репрезентација продолжува да сонува за Светското првенство 2026 година. Избраниците на Боби Милевски останаа непоразени и по шестото коло, откако на гости кај Белгија одиграа 0-0 и освоија нов бод за одбрана на врвот. Нашата репрезентација сега има 12 бода, еден повеќе од Белгија, два од Велс.
„Ова беше можеби еден од најтешките натпревари за мене и за сите нас во последниве неколку години. Одигравме борбено и со срце, бевме одлично поставени и заслужено дојдовме до бодот. Секоја чест на одбраната и на Столе. Покажаа навистина срце и храброст, и беа столбот на овој успех. Може да му честитам на Столе и посакам да ги издржи сите овие неправди кои се случуваат во Валенсија затоа што навистина заслужува да биде прв голман во Валенсија. И верувам со ваквите изданија во репрезентација ќе видат тие во клубот дека грешат“, изјави Барди.
Следен противник на Македонија е селекцијата на Казахстан, мечот се игра во Скопје на 13 октомври.
„Сега ни следи дуелот со Казахстан. Носиме некој позитивен притисок пред тој меч, но играме дома пред нашите навивачи и тоа ни е дополнителна сила и мотив за да дојдеме до победа. Очекуваме силна поддршка од трибините и со целата нивна поддршка да дојдеме до три бода за задржување на првото место во групата“.