
✍ Огнен Чак Дојчиновски
Некогашната златна У21 генерација на Македонија која што во 2017 година ни го приреди најголемиот фудбалски репрезентативен успех со пласманот на Европското првенство во Полска, сега, „засилена“ со уште по некој староседелец, или новајлија во националниот тим и секако на чело со Благоја Боби Милевски има шанса за нов историски пласман. Овојпат сениорски.
На прагот сме на нешто големо. Сензационално. Пласман на Мундијал. Македонија никогаш не била поблиску до најголемиот фудбалски настан. На две кола до крајот сме лидери на табелата со дванаесет освоени бодови и со дуел против Казахстан на домашен терен утре.
Се е мирно и под контрола. Македонија така најдобро функционира. Уште од 2017 година и она наше У21 Европско првенство. И тогаш како и сега, момците на Благоја Милевски, мирно и во тишина, без никој што се вели да ги примети направија сензационален успех.
И тогаш и сега, на голот беа Дамјан Шишковски и Игор Алексовски. И тогаш во одбраната беа Ѓоко Зајков, Дарко Велковски и Висар Муслиу. Во средината и тогаш беше незаменлив нашиот капитен Енис Барди. И тогаш неуморниот Тихомир Костадинов ги извршуваше сите задачи на Благоја Милевски. И тогаш како и сега чекавме фудбалска магија од Давид Бабунски. И тогаш и сега чекаме потег од виртуозот Елиф Елмас, кој иако помлад сепак веќе беше дел од таа златна генерација.
Се „мириса“ повтрорно на тие денови. И игрите и резултатите, па дури ако сакате и изјавите. Одиме меч по меч….. да сме конкурентни и да покажеме дека можеме со сите. Идентично од Благоја Милевски. Единствено е различно тоа што сега сме 2025. „Бебињата“ на Сер Боби веќе се искусни играчи кои знаат како и против Белгија и против Италија, а богами и против Казахстан…. знаат, не треба никој да им каже. Имуни на критиките, горди на пофалбите. Како и секогаш.