НАПРЕД МАКЕДОНИЈА: Одиме на победа за продолжување на мундијалскиот сон!

138

Македонија – Казахстан вечерва на Арената “Тодор Проески“ од 20:45 часот во меч од рамките на квалификациската група Ј за пласман на СП 2026.

Веќе се е познато. Што ни треба за директен пласман на Мундијалот, што не смее да се случи а што би било убаво да ни се “падне“.

Сепак да почекаме со математиките, прво да ја минеме и оваа пречка наречена – Казахстан, па после ќе видиме до каде сме и на што сме.

Значи вечерва Македонија мора, ама баш мора по секоја цена да дојде до трите бода. Мора во третиот меѓусебен меч со оваа селекција да дојде до победа, и не е важно дали ќе биде со 1:0 или со некој друг резултат.

И не е важно како ќе играме, важна е победата и ништо друго.

Вечерва Македонија ќе игра на Арената, ама со едно уво ќе наслушнува што ќе се случува во Кардиф на мечот Велс – Белгија.

Уф, колку убаво ќе биде да победат домаќините.

Но, рековме веќе. Математиките ќе ги правиме од утре па се до ноемврискиот циклус кога ќе се решава се во нашата група.

А да бидеме во “игра“ тогаш, вечерва ќе мораме да победиме.

Значи одиме на победа, одиме да го дадеме максимумот, одиме по трите бода, ништо друго не не интересира. Со максимална борбеност, со давањето на последниот атом од силите, како што тоа беше пред три дена во Гент, Македонија ќе ја оствари целта.

Само така и никако поинаку.

Казахстан не е репрезентација од која треба да стравуваме до толку, ама не е и репрезентација против која ќе биде лесно, напротив.

Гостите не кријат дека сакаат да одиграат добар меч и да и го отежнат патот до победата на Македонија.

Тоа беше главната нивна поента искажана на вчерашниот прес.

И тоа е за почит. Тоа е спортот, секој си гледа за себе.

Нас вечерва не треба да не интересира ништо друго освен како ние да дојдеме до таа повеќе од потребна победа.

Она што беше досега во квалификациите, беше. Минатото не можме да ги вратиме и поправиме, но затоа сегашноста и иднината треба самите да си ги моделираме.

Затоа одиме на победа, па во ноември што биде нека биде.

Одиме на победа за продолжување на мундијалскиот сон и одиме на победа како први на табелата да го дочекаме ноември.

НАПРЕД МАКЕДОНИЈА!

ПретходноПанче Стојанов е нов тренер на Беласица
СледноЛапорта проговори за својот однос со Меси, кога истиот се влошил