Пелистер вечерва (20:45 часот) ја пречекува Барселона во петтото коло во Лигата на шампиони. Каталонскиот гигант за првпат во својата историја ќе биде гостин во салата „Боро Чурлевски“ и за првпат ќе ги одмери силите против актуелниот македонски првак.
Пелистер има три порази во низа, а мечот против Барса ќе биде уште еден во низата тешки предизвици.
Салата ќе биде исполнета до последното место, а дуелот го најави Анџеј Видомски.
„Првите минути ги одиграв против Охрид и атмосферата во салата беше извонредна. Во Плоцк дебитирав во Лигата на шампионите, но можеби не одиграв толку добро. Сепак, тоа беше само првиот чекор и верувам дека ќе биде подобро.
Барса игра многу добро, во некои сегменти игра слично како Висла Плоцк. Знаеме како треба да играме и ќе се обидеме да го дадеме нашето најдобро издание. Сакам да ги повикам фановите, ни треба нивната помош“, изјави Анџеј Видомски.