Како на филмски сцени: Претседател на кипарски второлигаш е убиен!

131

Претприемачот од Лимасол и претседател на кипарскиот второлигаш Кармиотиса, 49-годишниот Ставрос Демостенус, беше убиен во петокот наутро во престрелка додека се наоѓал во својот автомобил. Тој починал на пат кон болница, а полицијата поради истрагата затвори дел од автопатот, што предизвика големи сообраќајни метежи, пренесува Cyprus Mail.

Демостенус, претседател на второлигашкиот фудбалски клуб Кармиотиса ФК, бил застрелан пред 10 часот во близина на својот дом. Според полициски извори, патот му го пресекол комбе, по што врз него пукал напаѓач на моторцикл.

По пукањето, синот на жртвата се обидел итно да го пренесе во болница, но доживеал сообраќајна несреќа на автопатот. Излегол од возилото, сопрел друг автомобил и го замолил возачот да ги однесе до болница. И покрај брзата реакција, Демостенус не можел да се спаси, а лекарите во Општата болница во Лимасол ја потврдиле неговата смрт.

Демостенус беше истакната личност во фудбалските кругови на Кипар. Освен што го водеше клубот Кармиотиса ФК, претходно беше и претседател на прволигашот Арис. Пред неколку месеци се споменуваше како можен кандидат за претседател на Фудбалската федерација на Кипар, но на крајот не се кандидираше.

Покрај фудбалот, Демостенус се занимавал и со продажба на луксузни половни автомобили.

ПретходноМитревски шоу против Барса за трета најдобра одбрана во Лигата на шампиони (ВИДЕО)
СледноЧаби Алонсо го отпиша трофејниот играч, ќе мора да го напушти Реал Мадрид