Ламине Јамал повеќе не потпишува дресови во тренинг-центарот на Барселона, пишува каталонскиот Mundo Deportivo и додава: „На Јамал, луѓето кои ги управуваат неговите маркетиншки договори му советувале да престане да дава автограми. И понатаму ќе се фотографира со навивачите, но повеќе нема да потпишува, потврдија извори од клубот. Во иднина потписот на Јамал на дрес, топка или фотографија ќе има своја цена.“
Mundo Deportivo наведува: „Јамал ситуацијата ја објаснил мирно, а клубот покажал разбирање, свесен за феноменот наречен Ламине Јамал и горд што токму тој е нивни играч кој неодамна го продолжи договорот со клубот во кој е уште од 12-годишна возраст. Барселона во моментов преговара да добие одреден број потпишани предмети за да ги исполни своите протоколарни обврски.“
Што се однесува до производите со потписот на Јамал: „Агенцијата што ги води сите негови маркетиншки активности преговара со компанија која би ги продавала потпишаните артикли — како копачки, дресови и друг промотивен материјал — но во ограничени количини.
Целта е да се ограничи бројот на потписи што слободно кружат, со што секој потпис ќе има поголема вредност. Поради тоа, младиот талент на Барселона добил јасна инструкција: повеќе да не потпишува автограми. Кој ќе посака предмет со негов потпис, ќе може да го набави исклучиво преку специјализирана веб-страница.“
Иако договорот сè уште не е официјално потпишан, двете страни сакаат наскоро да го финализираат. Ваквиот начин на комерцијализација на автограмите на спортските ѕвезди веќе е вообичаен во Америка, особено меѓу НБА-ѕвездите. Примерот што се споменува во Барселона е Леброн Џејмс.