Новајлиите во одбојкарската елита во женска конкуренција, одбојкарките на Газели Волеј ја остварија премиерната победа откако денеска во меч од 2. коло славеа над екипата на Младост УГД со максимални 3:0. Скопјанки покажаа дека не случајно се дел од елитата и успеаја да ги прокнижат првите бодови во најсилната конкуренција и тоа против екипата на Младост УГД која почна одлично сезонава, но не успеа да го задржи победничкиот ритам и на првото гостување.
Шампионките Јанта Волеј подготвувајќи се за настапот во Лигата на шампионките, повторно тргнаа несигурно. Како и во првото коло кога го загубија првиот сет во Битола од Пелистер Волеј, така и денеска на домашен терен го препуштија воведниот сет на Струмица. Сепак, во следните три успеаја да се вратат во ритам и да дојдат до нова победа.
Работнички ја прокнижи и втората победа совладувајќи го Фит Фан Волеј со максимален резултат, а вчера победа од гостувањето во Скопје однесоа и одбојкарките на Наковски Волеј кои со 3:0 беа подобри од Вардар ЕМ.
Последниот меч од 2. коло е на програта во понеделник од 17.30 часот во Битола, каде Пелистер Волеј ја пречекува екипата на Ускана Волеј.
ПРВА ЛИГА – ЖЕНИ / 2 КОЛО
Јанта волеј – Струмица 3:1
Фит фан волеј – Работнички Скопје 0:3
Газели волеј – Младост УГД 3:0
Вардар ЕМ – Наковски волеј 0:3
Пелистер волеј – Ускана (ПОНЕДЕЛНИК 17.30 ч.)