ШК Алкалоид со убедлив триумф стартуваше на Европскиот клупски куп

25

Првото коло од Европскиот клупски куп во шах донесе очекуван резултатски расплет, при што најдобро рангираните екипи, меѓу кои е и македонскиот шампион ШК Алкалоид, стартуваа со убедливи победи на турнирот, кој има само седум кола, а на крајот ќе го даде новиот шампион на Европа.

За овој настап на Родос, Грција, екипата имаше две промени во однос на тимот од 2024 година и тоа на петтата и на шестата табла, каде што настапија ВМ Абиманју Пураник и ИМ Тони Лазов, при што обајцата имаа успешно деби со освојување цел поен. Очите на македонската шаховска јавност го следеа последниот македонски државен шампион Тони Лазов (2.382), кој лани освои сребрен медал на Олимпијадата во Унгарија, а сега, водејќи ги црните фигури против Албан Красниќи (2.131), одлично се снајде во позиција со кралско фијанкето, во ситуација кога неговиот противник се обиде да импровизира со нестандарден план. При временската контрола на 40. потег, противникот се обиде со драматичен и ризичен потег да направи пресврт, но ИМ Лазов, со манир на искусен борец, ги неутрализираше заканите, па противникот се предаде. Противничкиот тим Дарданија од Косово успеа да даде отпор само на првата табла, каде што ВМ Арјун Еригаиси (2.773) го подели поенот со ИМ Ндерим Сарачи (2.445), кој се бранеше со руска одбрана.

Од втората до четвртата табла се играа сицилијанки, при што ВМ Ји Веи (2.754) со црни фигури брилираше во најдорфовата варијанта против ФМ Матеу Бочи (2.186), додека, пак, на третата табла Јангји Ју (2.720) играше таканаречена бела сицилијанка, при што во долга борба со Кораб Сарачи (2.197) покажа класа и надмоќ. ВМ Читамбарам Аравинд (2.711) на четвртата табла играше трпеливо, постепено подобрувајќи ја позицијата против ФМ Ардијан Јашари (2.166), а на крај освои цел поен.

Единствената партија која беше решена пред играта да влезе во завршницата беше онаа на петтата табла, каде што ВМ Абиманју Пураник спроведе офанзивен напад во англиско отворање, по што со школска тактичка жртва на скокач на полето Ф5 стигна до триумф против Арменд Будима (2.169).

ШК Алкалоид е второрангиран тим според рејтингот и заедно со другите тимови од првата петорка се смета за еден од фаворитите во борбата за медалите. Најдоброрангираниот Бајеган Пендик во првото коло славеше со 5-1 (две ремија), додека, пак, романскиот СуперЧес, унгарскиот Нагиканжаи и чешкиот Нови Бор (кој е бранител на титулата од лани) имаа убедливи победи од 6-0.

На турнирот играат 102 екипи, а по првото коло 48 од нив се на делба на првото место со по 2 бода. Во согласност со швајцарскиот систем на натпреварување, во втората рунда ШК Алкалоид ќе игра со домашната екипа Ippotis Rodos Chess Club.

ПретходноКако и дали Верстапен може да ја освои титулата во Формула 1 и оваа сезона?
СледноТудор под притисок, Јуве веќе му најде замена