По извонредниот настап на Макс Верстапен на трката за Големата награда на Соединетите Американски Држави, каде што освои максимални 33 поени откако триумфираше и во спринтот и во главната трка, повеќе нема сомнение дека Холанѓанецот се врати во борбата за титулата во Формула 1.
Пред последните пет трки од сезоната четирикратниот светски шампион е трет во генералниот пласман со 306 поени, точно 40 зад лидерот Оскар Пјастри. Ова го поставува прашањето како Верстапен може да ја стигне оваа разлика во преостанатите пет тркачки викенди, на кои ќе има и два спринта.
Едноставната пресметка покажува дека дури и ако Холанѓанецот освои максимални 141 бод до крајот на сезоната, тој нема да може да стане светски шампион ако Пјастри не забележи барем еден или два послаби пласмани како оние во Остин. Дури и ако заврши само како втор до крајот на сезоната, а Верстапен да победи на сите трки, Пјастри сепак ќе стане шампион со предност од три бода.
Сепак, она што е загрижувачко за Австралијанецот е тоа што од неговата победа во Холандија, тој нема ниту еден пласман меѓу првите две места и само еднаш се искачи на подиумот, завршувајќи трет во Монца. Ова му овозможи на Верстапен да намали огромни 64 поени и да влезе повторно во трка за светската титула.