Прва радост за Работнички, Кожув со „тројка“ во последната секунда до победа (ФОТО)

55

По двата порази на стартот на сезоната, кошаркарите на Работнички ја остварија првата сезонска победа во домашниот шампионат. Во меч од 3. коло, пред своите навивачи екипата на Работнички славеше над Тиквеш со 99:87 за да се одлепи од дното на табелата каде се најде неочекувано на самиот старт на сезоната.

Вечерва кошаркарите на Работнички беа подобар ривал од кавадарчани, а тоа го покажаа со играта уште во првото полувреме. По првиот период беше неизвесно, но домашните имаа предност од два поени (24:22), додека до крајот на првиот дел разликата беше зголемена и на 7 поени (51:44), благодарение на одличниот финиш.

Во вториот дел Тиквеш се обидуваше да остане во ритам и не дозволуваше домашните да се одлепат. Воведните 10 минути од вториот дел им припаднаа на гостите кои успеаја да дојдат во егал 67:67. Сепак, последните минути од мечот Работнички ги одигра како и во завршницата на полувремето и на крајот се избори за прилично комотна разлика за победа.

Хатсон со 22 поени беше најефикасен кај Работнички, додека Ѓуроски и Ефремовски постигнаа по 19. Кај екипата на Тиквеш најефикасен беше Дес со 21 поен.

Во вториот меч вечерва видовме драма во која екипата на Кожув славеше дома над Гостивар со само половина кош – 73:72. Моментот на одлука беше со последниот свиреж на сирената кога Парвис постигна тројка и успеа да донесе голема радост за Гевгеличани. Гостувар на 3 секунди пред крајот имаше предност од 70:72, но последниот напад не успеа да го одбрани.

Николас со 19 поени беше најефикасен кај Кожув, додека кај Гостивар Абрам постигна 21 поен.

ПретходноЛШ Полувреме: Барселона веќе има комотна предност против Олимпијакос (ВИДЕО)
СледноВардар победи во Франција: „Црвено-црна“ доминација и во Тулуз