Вечерва, поточно утре рано наутро по македонско време стартува 80.издание на НБА лигата, на најсилната кошаркарска лига во светот.
Секако дека е време за најдобрата кошарка, време е за спектакл.
И на стартот веднаш две дерби средби.
Натпреварот помеѓу Оклахома и Хјустон започнува во 1:30 часот по средноевропско време. Екипите на Лос Анџелес Лејкерс и Голден Стејт ќе играат во вториот натпревар од четири часот.
Титулата ја бранат кошаркарите на Оклахома, кои ја победија Индијана во финалето на плејофот минатата сезона со победа од 4:3 во серијата.
Токму затоа со право се поставува прашањето дали може некој да ја сопре Оклахома во нејзиниот поход по нова титула, во одбрана на тронот ако се знае дека овој тим важи за најголем фаворит во новата сезона.
Што можат Никола Јокиќ со Денвер, како и Лука Дончиќ со својот ЛА Лејкерс. Од мега – ѕвездите од Балканот се очекува спектакл, јасно е дека фановите и ќе го добијат тој спектакл, но дали тоа ќе биде доволно за нешто големо, тоа останува да се види.
Според некои аспиранти се и Кливленд, Њујорк, Хјустон, Минесота.
Оваа сезона, на дневен ред е и НБА Купот, кој ќе се игра од 31 октомври до 16 декември. Финалето на НБА Купот ќе се игра на 16 декември во Лас Вегас.
Редовната сезона во НБА лигата завршува на 12 април следната година, по што следуваат плејоф натпреварите од 14 до 17 април.
Плејоф натпреварите во НБА лигата започнуваат на 18 април, а финалната серија започнува на 4 јуни 2026 година.
„Ол-стар“ викендот на НБА лигата ќе се одржи од 13 до 15 февруари следната година во Лос Анџелес.
Уште еднаш, време е за најдобрата кошарка.