Двојна елитна програма: Струмица 47&72 и Јанта Волеј КВ пред голем предизвик во Лигата на шампионите!

38

Македонските шампиони Струмица 47&72 во машка конкуренција, односно Јанта Волеј КВ кај дамите утре, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, ќе имаат двојна елитна програма во рамките од квалификациите за ЦЕВ Лигата на шампионите.

Струмица 47&72 четврта година во низа ќе биде дел од ова натпреварување, но првакот доби тешка задача во првата рунда – најтрофејниот романски клуб Динамо Букурешт, кој го пречекува утре во 17 часот.

„Четврта година во низа Струмица е дел од најквалитетното европско натпреварување, но оваа година со поскромни амбиции со оглед на тоа дека добивме еден квалитетен ривал како Динамо Букурешт. Резултатот за нас не е во прв план, затоа што оваа сезона имаме подмладен тим и во прв план е да им се даде шанса на помладите играчи да собираат искуство. Секако дека со поддршката на поискусните ќе се обидеме да понудиме квалитетен и достоен отпор, па зошто да не освоиме и сет“, потенцира капитенот на Струмица 47&72, Ефтим Ричлиев.

За разлика од Струмица, одбојкарките на Јанта Волеј Кисела Вода премиерно ќе бидат дел од елитното клупско натпреварување. Девојките на Никола Јаневиќ добија противник по мерка, трикратниот шампион на БиХ, Гацко, со кој ќе се соочат утре од 20 часот, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

„Јанта Волеј КВ испишува клупска историја со учеството во Лигата на шампионите. Имаме противник по мерка, со кој според анализите сме на исто ниво. Добро работевме изминатиов период, имаме две победи во домашното првенство кои добро дојдоа и за подготовка и кревање на атмосферата и позитивната енергија во тимот. Ние сме скромни во нашите очекувања, не летаме високо, за да не паднеме ниско. Одиме да освоиме сет, а потоа ќе видиме што ќе донесе натпреварот“ – потенцира тренерот Јаневиќ.

Капитенот на Јанта Волеј КВ, Тамара Тасевска се надева на позитивно деби.

„Самото учество на екипата во Лигата на шампионите е голем успех за нас. Како што кажа и тренерот испишуваме историја и радува нивото кое го достигнавме и каде е клубот во овој момент. Девојките се одлично расположени, сплотени сме, работиме сериозно и посветено. Помлада екипа сме, но тоа го гледам како предност која носи енергија и со мотивиран пристап се надевам на еден добиен сет, а зошто да не и меч“, вели Тасевска.

Влезот во СЦ „Јане Сандански“ ќе биде слободен за сите љубители на одбојката, а натпреварите ќе имаат и директен ТВ пренос регионалниот спортски канал на Арена Спорт.

 

ПретходноСтефан Ебнер од Австрија главен на дуелот Шкендија – Шелбурн
СледноСтартува 80. сезона во НБА: Може ли некој да ја сопре Оклахома…Јокиќ, Дончиќ!