Извршниот комитет на Европската ракометна федерација на денешниот состанок во Виена одлучи да го прошири бројот на учесници во финалната фаза од Лигата на шампионите и Европската лига во машка конкуренција. Според одлуката потврдена попладнево, Лигата на шампионите во иднина ќе брои 24 екипи, додека Европската лига ќе има 32 екипи и тоа веднаш започнувајќи со групната фаза.
Новите формати ќе бидат воведени со почеток од сезоната 2026/27, при што меѓународниот календар ќе остане усогласен со бројот на натпревари во Лигата на шампионите, кој нема да се менува.
Новиот систем ќе има шест групи со по четири тима. Првите две екипи од секоја група ќе обезбедат место во главната фаза, додека третопласираните и четвртопласираните ќе продолжат во Европската лига. Во втората фаза во ЛШ, 12-те тима ќе бидат поделени во две групи со по шест екипи, кои ќе играат дома и на гости. Првите четири тима од секоја група ќе обезбедат место во четвртфиналето, а победниците од тие дуели ќе патуваат на Ф4 во Келн. Двете петтопласирани екипи ќе се преселат во осминафиналето на Европската лига.
Новата Европска лига ќе почнува директно со 32 тима поделени во осум групи по четири екипи, без квалификации.