Вечерва во Никшиќ, македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје А. ќе го одигра и вториот натпревар од новата сезона во регионалното натпреварување АБА 2 лига. Момците на тренерот Васко Атанасов по победата над Вршац во првото коло (75:63), вечерва пред себе ќе имаат исклучителен ривал, кој како и нашиот првак сезоната во АБА 2 ја почна победнички. Сутјеска во 1. коло беше подобра од Широки на гостински терен, па вечерва пред своја публика ќе се надева на нов успех.
„Пред нас е тежок дуел против квалитетна и пред се многу искусна екипа. Гостувањата во Никшиќ секогаш се предизвик, со оглед на жешката атмосфера и настапот пред публика што знае кошарка. Нашата цел се знае, одиме на победа на секој натпревар, што значи дека ќе сториме се за да дојдеме до триумф против силната и незгодна Сутјеска и да ја продолжиме победничката низа во АБА2“, изјави пред мечот тренерот на МЗТ Скопје А., Атанасов.
Мечот стартува во 20 часот.