Ракометарите на Е. Пелистер вечерва (20.45 ч.) имаат уште едно тешко гостувањето во рамките на натпреварите од Лигата на шампионите. По доброто издание против шпанскиот првак Барселона, за битолчани уште еден голем предизвик ќе биде денешното гостување кај екипата на Магдебург.
Германскиот тим во досегашниот дел од сезоната има 100% ефект, 5 победи во исто толку натпревари, што уште повеќе ја отежнува ситуацијата за нашиот шампион. Сепак, битолчани велат дека имаат свои очекувања и свои математики за дуелот со првиот фаворит во групата.
Левиот бек Ник Хенигман во очекување на дуелот вели:
„Точно е дека се подготвуваме максимално за овој меч. Ние секогаш мислиме на победа и сакаме да освојуваме два бода, иако знаеме дека некогаш тоа не е воопшто лесно. Се подготвуваме за нивниот силен напад, особено во ситуациите „еден на еден“, но ќе се обидеме да се справиме со силниот Магдебург. Барселона игра малку поинаков ракомет, додека Магдебург е експлозивен и често сака да игра на линијата од седум метри. Се обидува со својата физичка сила да доминира на теренот, и ние тоа добро го знаеме. На европската сцена секој натпревар е од огромна важност, сите се трудат да освојат што повеќе бодови, затоа и ние ќе се трудиме да се претставиме во подобро светло. Добрата форма од Европа да ја пренесеме и во домашното првенство“, заклучи бекот на Пелистер.
Натпреварот меѓу првакот на Европа и македонскиот шампионат ќе го водат Унгарците Адам Биро и Оливер Киш.