Шкендија за само четири дена ќе одигра многу важни два меча од кои можеби ќе биде одредена насоката како ќе се одвива оваа тековна сезона за нејзе.
Прво вечерва се среќава, во меч од 2.коло во Лигата на Конференции, вечерва од 18:45 часот против ирскиот Шелбурн, за да веќе во понеделник игра дома против Вардар во меч од ПМФЛ.
Но, кога си веќе во лигашката фаза на едно европско натпреварување ќе имаш ваков згуснат распоред. До ова да дојде Шкендија имаше одлично европско лето, а еве сега ги радува своите фанови со европски настапи во својата историска европска сезона.
На Вардар ќе се мисли од утре, а сега Шкендија сака да испише уште една историја. Имено по поразот од Рајо Ваљекано во Мадрид на стартот од Лигата на Конференции, тетовските “црвено – црни“ вечерва сакаат победа и само победа.
Во случај тоа да се случи, тогаш тоа ќе биде првата победа не само за Шкендија во групната или лигашката фаза во едно европско натпреварување, туку воопшто и првата победа на еден наш клуб.
Колку за потсетување Вардар во таа 2017 година на шест меча во групната фаза не успеа да победи, имаше едно реми и пет порази.
Вчера на прес – конференцијата тренерот Јетон Беќири и еден од најдобрите играчи на Шкендија, Клисман Цаке, потенцираа дека го респектираат и почитуваат ривалот од Р.Ирска, но и дека се почитуваат самите себе, исто така кажаа дека ова е меч на кој Шкендија ќе оди на победа и освојување на првите три бода во лигашката фаза во ЛК.
Шкендија ова лето во Европа покажа сила, знаење, квалитет и умешност, покажа дека знае и тоа како да одигра на резултат.
Токму затоа очекувањата вечерва со Шелбурн се победнички.
Па, нека биде победа.