По елиминацијата во Купот на Македонија, Башкими се фокусира кон обврските во домашното првенство. Во рамките на 10. коло, кумановци ќе се сретнат со Шкупи, кој до овој момент има освоено само еден бод. Напаѓачот на Башкими и поранешен играч на Шкупи, Емануел Аворнио, смета дека трите бода ќе останат во Куманово.
„Откако бевме елиминирани од Купот на Македонија, чувството не беше добро за мене и за тимот, бидејќи сакавме победа и пласман во следната рунда, но за жал загубивме, што е дел од фудбалот. Играњето против тим како Шкупи нема да биде лесна задача, но верувам дека со квалитетните играчи што ги имаме и со поддршката од навивачите, ќе ги освоиме максималните 3 бода. Тие ни требаат и тоа ќе ни помогне да се вратиме на победничкиот пат во првенството. Чувството е добро, а ова ми е првпат да играм против тим во кој сум играл претходно. Се чувствувам добро и подготвен за натпреварот против Шкупи“, рече Аворнио.
Ардит Дестани, крилниот напаѓач на чаирчани и стрелец на два гола во досегашниот тек од првенството, верува дека на гостувањето против Башкими, Шкупи може да стигне до позитивен резултат.
„Се одморивме, но и максимално се подготвивме за овој натпревар. Башкими е сериозен противник, тим кој иако се врати Првата лига, покажа дека е опасен и игра на високо ниво. Работевме напорно и одиме во Куманово со јасна цел да забележиме позитивен резултат. Башкими има голема поддршка од трибините, но за нас е позитивно и тоа што ќе играме на добар и погоден терен за нашата игра. Се надеваме дека нема да има грешки или пропусти, и на крајот ќе победи најдобриот. Ќе дадеме сè, ќе се бориме до крај – затоа што веруваме во нашата работа, во нашиот тим и во нашата победа“, рече Ардит Дестани.
Натпреварот помеѓу Башкими и Шкупи ќе се игра на стадионот на Башкими, во 14:30 часот















