Спектакл во Денвер – Јокиќ промаши за победа, луда партија на Кари (ВИДЕО)

59
Фото: Денвер Твитер

Стеф Кари постигна 42 поени, меѓу кои и клучната тројка за израмнување во финишот на регуларниот дел, и го предводеше Голден Стејт до победа над Денвер Нагетс со 137:131. Триумфот на „воините“ ја засени историската вечер на Арон Гордон, кој за поразениот тим уфрли дури 50 поени — негов личен рекорд во кариерата.

Натпреварот понуди вистинска драма во завршницата. Гордон погоди тројка за водство на Денвер 25,7 секунди пред крајот, но возврати Кари, кој со далекуметен шут само 4,3 секунди пред крај израмни на 126:126. Никола Јокиќ имаше шанса да му донесе победа на својот тим, но неговиот обид од рекетот не беше прецизен, па натпреварот замина во продолжение.

Во дополнителните пет минути, Голден Стејт ја презеде контролата, направи клучна серија од 12:2 и стигна до втората победа на стартот на сезоната, оставајќи го Денвер без одговор. Кари во последната четвртина и продолжението постигна вкупно 22 поени.

Арон Гордон одигра натпревар за паметење. Со 50 поени (шут 17/21) го сруши клупскиот рекорд на Алекс Инглиш за отварање на сезоната, поставен во далечната 1985 година — исто така против Голден Стејт. Неговите 10 погодени тројки го израмнија рекордот на Тери Розиер од 2020 година за најмногу тројки во првиот натпревар на сезоната. Веќе во првото полувреме погоди седум тројки од седум обиди.

Никола Јокиќ го заврши натпреварот со 21 поен, 13 скокови и 10 асистенции. Со тоа му се придружи на легендарниот Оскар Робертсон како единствен играч во историјата на НБА лигата со четири трипл-дабл учиноци на отворањата на сезоната. Српскиот центар шутна 2/13 за три поени и 8/23 вкупно од игра.

И на вториот одигран меч имаше продолжение, Оклахома ја совлада Индијана со 141-135.

ПретходноЛЕ и ЛК: “Шумарите“ славеа против Порто, Динамо Загреб во 90+6.минута се спаси од пораз!
СледноПоранешна голема ѕвезда на Премиер лигата пристигнува во Милан?