По долга пауза денеска продолжуваат активностите во домашниот ПМФЛ шампионат. На стартот на викенд програмата денеска е дуелот Тиквеш – Арсими кој што се игра во Кавадарци со почеток од 14:30 часот. Домаќинот како и гостинот се речиси во идентична ситуацијата на табелата. Имаат ист број на бодови, осум, и се токму на осмата односно деветтата позиција на табелата.
За тимот на Тиквеш како мина оваа долга пауза во шампионатот, и како кавадарчани планираат да направат кам бек во шампионатот го прашуваме искусниот стопер Дарко Илиески.
„Да, во право сте. Ова беше навистина долга пауза во шампионатот. Што се однесува до Тиквеш, исто така се согласувам. Време е да почне тимот да победува. На последните три четири, мечеви, клучувајчи го тука и Купот игравме сосема солидно, добро. Создадовме и шанси но ете, никако да ги реализираме. Време е и тоа да се промени. Да почнеме да реализираме, а со самото тоа ќе дојдат и победите. Арсими? Добар тим, ограат и повеќе од солидно сезонава. Но ние веќе немаме право на кикс особено на домашен терен. Одиме по позитива денес и да стартуваме серија која што на Тиквеш ќе му донесе мир и стабилност во понатамошниот дел од шампионатот“, ни изјави Дарко Илиески.
Арсими ја заврши неделата со интензивни тренинзи и детална анализа на противникот, со цел подобрување на сопствената игра во сите линии. Крилниот напаѓач Шпенд Асани вели дека тимот е целосно подготвен и мотивиран.
“Работевме многу напорно оваа недела и знаеме што не очекува во Кавадарци. Нема да биде лесно, но сме подготвени да дадеме се на теренот. Свесни сме дека не очекува многу тежок натпревар против квалитетен противник како Тиквеш, особено на нивниот терен во Кавадарци. Сепак, нашиот тим работеше напорно во текот на неделата, ја анализиравме нивната игра и сме максимално подготвени да дадеме се на теренот. Имаме почит кон секој противник, но не се плашиме од никого. Нашата цел е да покажеме дисциплинирана, борбена и срцеста игра како што секогаш го карактеризира Арсими”.















