Денеска и официјално започнува новиот одбојкарски шампионат на Македонија во машка конкуренција. Попладнево ќе се одиграат сите предвидени натпревари за првото коло. Во годинешното издание, прволигашката конкуренција брои 12 тима, а како и минатата сезона во фокусот ќе бидат шампионот Струмица и освојувачот на Купот, Штип УГД. Но со оглед на тоа што и останатите екипи во предсезоната доведоа искусни и странски засилувања, може да очекуваме најмалку уште еден до два тима кои можат да изненадат од сенка.
Уште денеска ќе видиме со каков квалитет располагаат странските засилувања во домашните состави.Шампионот Струмица кој во средата ги започна настапите во Лигата на шампионите, денеска сезоната на домашната сцена ја отвора со натпревар на домашен терен против екипата на Јанта Волеј. Струмичани се големи фаворити за трите бода.
Штип УГД на стартот на сезоната гостува во Василево против екипата на Сушево, додека скопски Работнички во првиот сезонски меч го пречекува градскиот ривал Скопје. ГОК Борец кој и минатата сезона имаше респектабилен состав, годинава на почетокот на сезоната на домашен терен ја пречекува Лирија, која во последните денови од преодниот рок донесе две странски засилувања.
ПРВА ЛИГА – МАЖИ / 1 КОЛО
ДЕНЕСКА:
14.00 Струмица – Јанта Волеј
15.00 Сушево – Штип УГД
17.30 Работнички – Скопје
18.00 Весна Пробиштип – Македонија Џио
20.00 Универзитет во Тетово – Шкендија
20.00 ГОК Борец – Лирија










