ШК Алкалоид влегува со реални шанси за медал на ЕКК

14

Шахистите на ШК Алкалоид влегуваат во последното 7. коло на Европскиот клупски куп кој се одржува на грчкиот остров Родос со реални шанси за освојување медал и постигнување на претходно планираните цели.

Во шестото коло ШК Алкалоид играше со вториот непоразен тим на турнирот, СуперЧес од Романија, за кој настапува светскиот првак Гукеш. Токму тој ја направи единствената победа на првата табла против Еригаиси, додека другите пет меча завршија со реми.

„Белите фигури треба да донесат некаква предност во ваквите мечеви, а тоа му успеа на Гукеш во Гринфелдова одбрана. Светскиот првак успеа во системот на отворање да го наведе Еригаиси во непознати води и ја презема иницијативата. На крајот, заслужена победа за СуперЧес, а ние се мобилизираме за следниот меч, кој ќе биде последен на турнирот“, изјави ВМ Влатко Богдановски.

Другите играчи на романскиот тим немаа успех со белите фигури заради солидните одбрани на Јангји Ју и Александар Инѓиќ на третата и петтата табла.

Од друга страна, на втората табла Ји Веи не успеа да ја пробие сицилијанската одбрана на Јорден ван Форест, а најинтересна беше партијата на четвртата плоча каде Читамбарам Аравинд играше против поранешниот европски првак, Алексеј Сарана. При отворањето, иднискиот велемајстор дојде во изгледна позиција, но потоа во комплицираната средишница Сарана се снајде и прејде во напад, но на крајот партијата заврши со реми. Пуранек на шестата табла исто така успеа да направи мал плус на старт од дуелот со Даниел Дарда, но во четвртиот час од играта превиде пешак, по што грчевито се бореше да воспостави рамноправна позиција и да ремизира.

СуперЧес на овој начин стигна до минимална победа од 3,5-2,5 и останува единствена екипа со максимален учинок, 12 бода од 6 рунди. Унгарскиот клуб Нагиканижаи го доби дуелот на втората табла со Туркиш Ерлајнс и во моментов е втор со 11 поени, а утре ќе излезе на мегдан со првопласираните. Победникот од нивниот дуел ќе биде крунисан како нов шампион на Европа.

ШК Алкалоид во моментов е на делба на третото место, заедно со уште четири други екипи. Со победа во 7. коло македонскиот шампион останува кандидат за медал, а противник ќе им биде седмиот носител, израелскиот клуб Ришон Ле Цион, предводен од ветеранот Борис Гељфанд и Максим Родштајн (кој оваа година беше на делба на врвот на индивидуалното европско првенство во шах, но поради послаби „тај-брејк“ критериуми беше третопласиран).

Последното 7. коло започнува еден час порано, во 14 часот по локално време. Извесно е дека со победа ШК Алкалоид би освоил медал, но од другите резултати ќе зависи дали тоа ќе биде сребро или бронза.

ПретходноСтруга ТЛ го чува врвот, Брера пред тешка мисија
СледноБањаја победи на спринтот во Малезија, Алекс Маркез стана вицешампион