Фудбалерите на Тотенхем го „растурија“ Евертон на гости со резултат од 3:0 во натпреварот од деветтото коло на англиската Премиер лига. Спарс западнаа во мала резултатска криза бидејќи забележаа само еден триумф во последниот месец, но се чини дека лошиот период за тимот на Томас Франк заврши.
Тотенхем не блескаше вечерва, но направија што требаше за да победат, искористувајќи ги своите неколку шанси и претежно од полувремето. Гостите од Лондон поведоа во 19-тата минута кога Мики ван де Вен (ВИДЕО) ја затресе мрежата по корнерот на Кудус.
Шест минути подоцна, Евертон одговори со гол на О’Брајан, но тој беше поништен поради офсајд. Студен туш за домашните навивачи следеше во последните моменти од првото полувреме, Ван де Вен повторно погоди за 0:2.
Евертон се обидуваше да се врати во натпреварот и имаше значително поголем посед на топката, но сè беше завршено во 89-тата минута кога Папе Сар ги постигна конечните 3:0.










