Кошаркарите на ТФТ ја обезбедија и четвртата победа од почетокот на сезоната, откако вечерва во СРЦ Кале успеаја тесно да го совладаат тимот на Маџари со 79:76. Новајлијата во елитата, екипата на Маџари, уште еднаш потврди дека е рамо до рамо со сите клубови во лигата, но и овој пат гостите немаа сили да го направат тој последен исчекор кон победа. За нив ова беше четврти пораз, сите во неизвесни завршници на натпреварите.
Маџари и вечерва почне одлично и ја доби првата четвртина со 22:20. Во вторите десет минути, Маџари го засили темпото, па на пауза замина и со 8 кошеви предност (33:41).
Кога се чинеше дека гостите ќе усшеат да најдат пат кон прва победа, домашните успеаја во третиот период да анулираат најголем дел од негативата (53:54), за во завршните 10 минути да успеат да го надиграат ривалот и со минимална предност во „пенал“ завршницата да дојдат до победа.
Ташовски со 19 поени беше лидер во тимот на ТФТ, додека најефикасен кај Маџари беше Лафајет со 17 поени.










