Фудбалерите на Реал Мадрид ја надиграа и заслужено ја совладаа Барселона со 2:1 во денешниот натпревар од шпанската Ла Лига. По натпреварот, тренерот на „кралевите“, Чаби Алонсо го даде своето мислење за победата и перформансот на својот тим.
„Многу сум задоволен од настапот и од победата. Вложивме и жртвувавме многу за да го спремиме овој натпревар и на крајот сме задоволни со исходот. Овој триумф значи повеќе од само три бода, ова е победа која им беше потребна на навивачите и на фудбалерите. Игравме одлично со, но и без топка и ја контролиравме играта.“
Шпанскиот стратег ја прокоментира ситуацијата со Винисиус, но и коментарите кои пред натпреварот ги упати Ламин Јамал.
„Видов многу добри нешта од Вини на денешниот натпревар. Верувам дека неговата реакција беше избрзана и за тоа ќе разговараме подоцна. Сега е време да славиме.“
„Екипата беше многу мотивирана. Пред натпреварот разговаравме за тоа што може да значи победа против лутиот ривал, не само поради трите бода, туку и поради се она останато кое се случуваше надвор од терените. Во секој случај ние нема да се фокусираме кон тоа. Најмногу сум среќен поради момците, им требаше еден ваков триумф за доказ дека можат да победуваат во големите натпревари.“










