Заврши десеттото коло од ПМФЛ шампионатот, а по него имаме нов лидер. Тоа е тимот на Вардар кој што предмалку во Тетово го доби големото македонско дерби против тимот на Шкендија со минимални 0:1, и со тоа го запоседна врвот на прволигашката конкуренција.
Клучен момент на најважниот меч одигран во досегашниот дел од шампионатот, беше оној во 54. Минута. Кога Давид бабунски рутински реализираше од белата точка, откако Алхасан играше со рака во сопствениот шеснаесетник.
Потоа Шкендија имаше момент во кој се понадева на бод, откако Бесарт Ибраими погоди за 1:1, гол кој што по интервенцијата на ВАР беше оправдано поништен поради офсајд.
Најдовски и Талески спасија сигурно домашно водство во првиот дел
Вардар ја имаше првата ситуација кога нафрлената топка Омерагиќ за зафати со глава но топката мина крај дирекот. Првата ситуација за домаќинот пак ја имаше Љатифи кој излезе во непосредна близина на голот на Талески, но пред да биде беше одлично изблокиран од Јанкулов.
Потоа следуваше најголемото возбудување во првиот дел. Ибраими шутираше силно од слободен удар, Талески брани и одбива во поле, нафрлената топка на вториот дирек, Вебстер ја враќа на петерецот, а таму Спахиу од фантастична позиција шутира силно во празната мрежа но пред него се исправа Матиќ и спасува чист гол. Топката се одби до Ибраими кој бие втор пат во оваа акција но овојпат голманот Талески спасува домашно водство. На спротивната страна пак, на ниското нафрлување на Јанкулов задоцни младинецот Талевски да реагира и да ја заврти топката во голот.

Шок за домаќините на стартот на вториот дел, Бабунски реализира пенал
Само што стартуваше второто полувреме од мечот, вистински шок за домашните. Без никаква иницијатива, и реално без дотогаш директен удар на противничкиот гол, Вардар дојде до водство. Босанчиќ изведе корнер, а Алхасан во обид да расчисти, наместо со глава играше со рака. Судијата Трпчевски покажа на белата точка, а Давид Бабунски рутинирано го испрати Гаје во погрешната страна, за гостинско водство.
Следуваше период во кој домаќинот не можеше да се пронајде, очигледно не очекувајќи дека ќе се најде во негатива. Неколку спорадични обиди без завршен удар кој не беа закана за Талески.

Од друга страна Вардар прави замени, освежува со Тодоровски и Данев, кои што дополнително внесуваа немир во домашните редови.
Во 78. Минута, Тамба се обиде од далечина, Талески сигурен и тоа беше првиот домашен обид директно во голот на Вардар, по гостинското водство. Едноставно Шкендија во поголемиот дел од второто полувреме немаше решение што да прави на противничката половина.

Ибраими погоди ВАР го поништи голот
Во деведесеттата минута од мечот се случи еден од клучните моменти на овој меч. Нафрлената топка од десно, стгина до Бесарт Ибраими кој што со глава прекрасно погодува за 1:1. Ерупција од воодушевување во Тетово, но само за кратко. ВАР технологијата реагира и пресудува дека капитенот на Шкендија се наоѓаше во офсајд.















