Голема огромна победа за тимот на Вардар среде Тетово во големото дерби кое се играше во рамките од десеттото коло од ПМФЛ шампионатот против актуелниот првак тимот на Шкендија.
Минималните 0:1 се злато вредни за „црвено – црниот“ табор кој што и заслужено ги однесе трите бода од овој меч затоа што тактички одигра одлично и не му дозволи на противникот да се размавне и да заигра како што и тоа како добро знае.
„Честитки за актерите на мечот. Честитки за домаќинот за организацијата. Фер, коректен меч, одлично дерби. Борбено на терен како што доликува. Мислам дека заслужено победивме. Одлично стоевме на терен. Напаѓавме колективно, се браневме колективно. Висока оценка за играчите од средниот ред. Противникот ја имаше таа шанса во првиот дел, на повратна топка, но се останато мислам дека беше под наша контрола. Ова е голема победа за нас. Мислам дека ја заслуживме. Далеку од тоа дека сега ќе „летнеме во облаци“ напротив. Стоиме цврсто на земја. Немаме намера, ниту тоа сме го сториле да потцениме некого. Напротив, првото место на табелата е само уште поголема одговорност на терен да бидеме најдобри што можеме и да ја оправдаме оваа лидерска улога. Само со вакви игри како оваа денеска ќе го задржиме тој статус на лидери и ќе продолжиме како што посакуваме понатаму во шампионатот“ – рече тренерот на Вардар, Гоце Седлоски.















