И после смената на генерација, македонската ракометна репрезентација и натаму се држи до традицијата – редовен пласман на големите натпреварувања. После речиси шест месеци и заверката на Европското првенство 2026 година, нашите најдобри ракометари денеска повторно се собраа во рамките на ЕХФ-недела посветена на националните тимови.
Практично во следните седум дена „црвено-жолтите“ ќе стартуваат со подготвка за она што ќе следи во јануари. За таа цел, селекторот Кирил Лазаров договори два контролни мечеви против Јапонија, едниот ќе се игра во Куманово на први ноември, додека пак вториот ќе биде од затворен карактер.
Капитенот Филип Кузмановски денеска не го криеше задоволството што повторно се заедно. Тој потенцира дека тимот оди напред, младите ракометари се вклопуваат, а Македонија покажа дека мора да се сфати сериозно како противник, па и од страна на фавортите, нешто што го видовме на последното Светско првенство.
„По подолг период пак сме сите заедно и среќен сум за тоа. Ќе се подготвуваме за мисијата Европско првенство. Секој собир има некоја цел. Сега е прв ден, па ќе се подготвуваме за дуелите со Јапонија. Нашата цел на овој собир е добра подготовка за континенталниот собир. Оваа Македонија на секое следно првенство оди напред. Овие млади играчи минаа долго време заедно и сите созреваат во лидери на своите екипи. Треба сите да нè сфатат сериозно, имаме многу квалитетни играчи и веруваме во системот. Имаме што треба да покажеме, а главното е како треба да се игра за Македонија“, изјави Кузмановски.










