Јамал е обвинет за поразот на Барса: Тој не ја знае историјата на Ел Класико

416
фото: Vibes Foot (X)

РЕАЛ Мадрид победи против Барселона со 2:1 во напнатото Ел Класико на стадионот „Сантијаго Бернабеу“, но по натпреварот најкоментираните изјави ги даде младиот Ламине Јамал. Поранешниот играч на Барса, Рафиња Алкантара, го критикуваше 18-годишникот за неговиот „недостаток на зрелост“, тврдејќи дека неговите коментари пред натпреварот му дале на Реал Мадрид „дополнителна мотивација“ за победа, пишува Goal.com.

Килијан Мбапе и Џуд Белингам ја донесоа победата на Реал, обезбедувајќи му на својот тим предност од пет бода на врвот на Ла Лига. Шчесни дури и го одбрани пеналот на Мбапе во второто полувреме.

Страстите дополнително се разгореа кога Педри доби црвен картон длабоко во судиското продолжение поради прекршок врз Чуамени. По последниот свиреж на судијата, имаше неколку судири, а во центарот на еден од нив беа Винисиус Жуниор, Дани Карвахал и Тибо Куртоа, кои се скараа со Јамал.

Младата ѕвезда на Барселона го налути тимот на Мадрид со своите непромислени коментари пред натпреварот. „Да, секако дека крадат, се жалат…“, рече Јамал, зборувајќи за Реал Мадрид на Twitch. На поранешниот играч на Барселона, Рафиња, исто така, не му се допаднаа тие зборови.

Во разговор за DAZN, Рафиња го обвини Јамал дека му дал дополнителен поттик на Реал. „Тој направи грешка поради неговата младост и недостаток на зрелост во кажувањето на она што го кажа. Неговите зборови му дадоа на Мадрид дополнителна мотивација“, рече Рафиња.

Поранешниот играч од средниот ред на Реал Мадрид, Гути, се согласи со него, додавајќи: „Ламинe Јамал е премногу млад за да ја знае историјата на Реал Мадрид и Барселона. И јас би го критикувал за неговите зборови“.

И покрај критиките, соиграчите на Јамал застанаа во негова одбрана. Младиот напаѓач беше цел на свирежи од домашните навивачи секој пат кога ќе ја добиеше топката. Играчот од средниот ред на Барселона, Френки Де Јонг, го осуди однесувањето на играчите на Реал по натпреварот. „Кога судијата свирна со свирче, неколку играчи на Мадрид веднаш се упатија кон Ламине. Беше претерано“, рече Холанѓанецот.

ПретходноНова победа за Ландо Норис во трката за големата награда на Мексико
СледноОстин Ривс одигра нестварен меч во Сакраменто (ВИДЕО)