„Спортското радио 90,3 ФМ“ по повод 20 години од своето постоење организира голем ракометен спектакл под името „Легендите на сцена“. Утре во СЦ „Јане Сандански“ ќе се одигра ревијален натпревар на македонските и европските легенди.
Еден ден пред овој меч се одржа прес-конференција на која директорот, Тони Митев не откри многу детали, но најави забава и на теренот, но и на трибините. Ја повика македонската јавност да ужива во еден ваков несекојдневен настан.
На денешната прес-конференција присутни беа легендарниот хрватски стратег Лино Червар, легендите на македонскиот ракомет Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов, како и рускиот ракометар Данил Шишкарев.
„Немам зборови како да се заблагодарам. Секој ден размислувам за Македонија, за мојата втора татковина. Пресреќен сум што сум денес тука, меѓу пријатели и поранешни соработници, луѓе кои се заслужни за мојата кариера на еден или друг начин. Сакам да кажам две работи: Македонија е прва држава која има свое Министерство за спорт. Второ, најсигурно се чувствувам во оваа земја, меѓу овие луѓе. Спортот е единствен кој може да ги собере луѓето. Ривали стануваат пријатели, се простуваат грешките од минатото. И јас сум грешел, не бев совршен тренер, ама вложував во себе и сега сум подобра верзија од себе. Само спортот може да не води напред, треба да се одгледуваат децата по примерот на тимскиот дух, тоа е многу важно. Грижа за другарот, за среќата на мојот другар“, рече Лино Червар.

На присутните им се обратија и Филип Миркуловски и Стојанче Стоилов, кои сега заедно соработуваат во националниот тим, едниот како кооридатор, другиот како помошен тренер.
„Чест и задоволство е да се биде тука со легендите на македонскиот и европскиот ракомет. Утре може да ви ветам голема забава, а за квалитетот не можам да гарантирам. Ве поканувам да дојдете и сите заедно да се дружиме“, изјави Миркуловски.
„Ќе ми биде чест да го делам теренот со играчи со кои што настапував во мојата кариера и ќе можеме на еден убав начин да им го честитаме роденденот на Спортско радио“, изјави Стоилов.
Во Скопје веќе неколку дена е Данил Шишкарев, кој исто така има убави спомени од Скопје и Македонија.
„Се трудам да зборувам на македонски бидејќи многу време поминав тука. Голема чест ми е да бидам тука и во среда да излезам на теренот во „Јане Сандански“. Бев до салата на мечот на Вардар со Бутел и дефинитивно голема емоција побуди во мене влезот во „Јане Сандански“. Мило ми е што во среда ќе бидам со дечките со кои поминав убави денови во Вардар и во Скопје“, изјави Шишкарев.
Организаторот ги најави составите на двата тима.










