Во Арсими се „гладни“ за нови бодови, Работнички се надева дека ќе го „скрши мразот“

43

По значајната победа на гости против Тиквеш во Кавадарци, Арсими се подготвува за следниот предизвик во рамките на 11-то коло од Првата Фудбалска Лига, каде ќе се соочи со Работнички.

Атмосферата во таборот на Арсими е позитивна, а победата во Кавадарци донесе дополнителна мотивација и самодоверба кај фудбалерите.

“По победата против Тиквеш на гостински терен, напорно работевме и за овој натпревар во средината на неделата против екипата на Работнички. Нормално дека сме среќни што ја добивме средбата со Тиквеш, затоа што ги имавме нашите шанси и ги искористивме максимално. Тоа беше голем пресврт на резултатот и ја постигнавме нашата цел победата, изјави дефанзивецот на Арсими,Цуцули.  Сега пред нас имаме противник како Работнички. Знаеме дека и тие не се во најдобра форма, но тоа не не интересира. Ние ќе излеземе на терен само со цел за победа. Сакаме да фатиме ритам на победи и да докажеме дека триумфот во Кавадарци не беше случајност”, додаде Ајрадин Цуцули дефанзивецот на Арсими.

Работнички подолг период нема победа во шампионатот, а по ремито на домашен терен против Македонија ЃП во минатото коло, се надева дека конечно ќе го „скрши мразот“ на гостувањата и ќе стигне до прв триумф на денешниот дуел против Арсими.

„Арсими покажа дека одлично се снаоѓа во елитното друштво, впрочем веќе освои 11 бода и забележа неколку резултати за почит. Од друга страна, ние сѐ уште резултатски се мачиме и мислам дека засега игрите се подобри од резултатите. Се надевам дека на денешниот меч против Арсими конечно ќе одиграме квалитетно на гостувањата и дека ќе успееме да ги освоиме бодовите“, изјави офанзивниот играч за врска, Бразилецот Калани Алмеида.

Арсими влегува во овој дуел од осмата позиција со 11 бода, додека Работнички е претпоследен и досега има освоено само шест бода.

ПретходноОд мемоарите на Червар: На едни подготовки сакав да го „убијам“ Стоилов…
СледноЧудо: С. Арабија гради стадион на врвот од облакодер – ќе чини милијарда евра! (ВИДЕО)