Во едниот од двата дуела од единасеттото коло во ПМФЛ шампионатот, кои што се играат денеска поладне, екипите на Македонија ЃП и Башкими на стадионот во Ѓорче Петров ги поделија бодовите играјќи 1:1. Во исклучително борбен, возбудлив и интересен натпревар, двата тима постигнаа по еден гол, но промашија по грст шанси, па слободно може да се каже дека овој меч можеше да заврши и со четири пет постигнати голови.

Стартот на мечот го одбележаа шансите на младиот Софијановски кој излезе сам пред противничкиот гол, но сакаше да го лобува Стојковски но ужасно го стори тоа. На спротивната страна, Мемети упати силен удар, Јанков одбрани, а на таа одбиена топка натрча Симоновски. Јанков го осуети и неговиот обид, а последен се обиде Аворнио, но и тој неуспешен во дуелот со домашниот голман.

Симеон Христов имаше три сериозни ситуации во првиот дел, но не искористи ниту една. Тука мора да се спомене и онаа на Гереро на асистенција на Јовановиќ, а и ударот на Талаков.
Аворнио погодува за гостинско водство
На стартот на вториот дел гостите дојдоа до предност. Аворнио погоди во мрежата на Јанков и ги шокираше домашните кои не очекуваа негатив во 47. минута.
Следуваше период во кој Башкими доминираше на теренот, но не успеа да ја удвои предноста.

Македонија ЃП се свести, почна да игра поофанзивно но Христов денеска немаше свој ден. Голгетерот промашува уште еднаш, а потоа и Кире Маркоски кои што влезе наместо него.
Пецов спасува ситуација за домашните и израмнува на 1:1
Во 77. минута домаќините конечно дојдоа до толку посакуваното израмнување. Долгата акција финишираше со удар на Стоилов од дваесетина метри кој што заврши во гредата, одбиената топка повторно ја прифатија домашните, и акцијата ја однесе истата кај Пецов. Левиот бек во обид да нафрли од речиси мртов агол, биеше силно, а топката директно отиде во голот на Стојковски.
До крајот Кире Маркоски имаше уште две ситуации со глава но не искористи ниту една од нив.















